На 21 септември во Куманово во рекреативниот центар – спортска сала со почеток во 10.00 часот се одржа свеченото отвроање на овогодинешната органска трпеза. Над 100 учесници земаа учество во претставување на своите органски производи.
Производители, компании, земјоделци од државава и од Србија, Бугарија, Ерменија, Хрватска и Словенија, денеска ги изложија своите производи на Меѓународниот саем на органска и традиционална храна „Органска трпеза” што се одржа во спортската сала во Куманово, во организација на Здружението на развој на земјоделството, заштита на животна средина преку истражување, едукација и одржување на биодиверзитетот „Живот”. Манифестацијата има за цел промоција на органското производство.
Претседателката на здружението, Благица Цветковиќ, истакна дека оваа манифестација е замислена како изложбен простор каде можат да се видат органски производи, на едно место да се соберат производителите и на органски производи и на традиционалната храна.
Производителите се надеваат дека манифестацијата ќе придонесе да се зголеми интересот кај граѓаните за користење на органски производи, но и дека претставува убава можност на која се запознаваат меѓусебе, разменуваат искуства и идеи за понатамошно ширење на производството.